Битката за Баиџи клучна против милитантите на ИД

Ирачкиот премиер Хајдер ал Абади изјави дека битката околу северниот град Баиџи и тамошната рафинерија, која е најголема во Ирак била клучна во борбата до конечниот пораз на милитантите на Исламската држава. „Победата во оваа битка е важна за ставање крај на присуството на милитантите. Баиџи стана клучен фронт во одбраната на Самара, Салахудин, па дури и Багдад“, рече тој. Баиџи се наоѓа на 120 километри северно од Багдад и претставува бојно поле уште од неговото преземање од милитантите на Исламската држава во јуни минатата година. Доколку ирачките сили повторно целосно ја преземат контролата околу Баиџи, тоа ќе помогне во протерувањето на милитантите на север до градот Мосул кој исто така е под нивна контрола.