АРМ и МВР: Се пропуштаат само ранливи категории мигранти

Полицијата и војската се распоредени долж границата со Грција и спречуваат влез на неколкуте илјади мигранти кои од Грција се обидуваат да влезат на македонска територија. Состојбата повремено е напната поради обидите на некои од мигрантите да го пробијат безбедносниот кордон. За да се справи со ситуацијата полицијата употреби шок бомби.

„Ова е легитимна мерка на државата за одбрана на својата државна граница согласно со донесените мерки и препораки, вели портпаролот на МВР Иво Котевски.

Тој ги демантира информациите објавени од некои медиуми дека полицаец бил повреден со нож од мигрант. Во меѓувреме, припадници на АРМ продолжуваат да се распоредуваат по должината на јужната граница со своја опрема и техника.

Силите на АРМ имаат поставено жица на одредени пунктови кои ги смета за критични точки и се распореди долж граничната линија со Грција, во деловите каде што влегуваат мигрантите.

Според информациите од терен, денеска се дозволува влез на лимитиран број на илегални мигранти од поранливите категории кои може да бидат згрижени и соодветно третирани согласно капацитетите на државата.

Првата група од околу 200 мигранти составена претежно од жени, мали деца и постари лица, беше пропуштена околу 15 часот и 30 минути и во придружба на полицијата и полициски сили беше пропратена до железничката станица во Гевгелија од каде со вонреден воз во 16 часот тргна кон Табановце.

Претставниците на АРМ им рекоа на бегалците дека вакво периодично пропуштање за влез во Македонија ќе има и понатаму, но тоа ќе се случува по нивна одлука. Влез во земјата на следната група мигранти претставниците на АРМ ја најавија за некаде после 19 часот. Инаку, мигрантите ја прифатиле ваквата одлука која внела мир во нивните редови.