Иванов нареди, АРМ на јужната и северната граница

Претседателот на Македонија Ѓорге Иванов донесе одлука за ангажирање на македонската Армија како поддршка на полицијата во справувањето со проблемите од напливот на мигранти. „Станува збор за ангажирање на АРМ да ја обезбеди јужната и северната граница, но и коридорот 10, односно влезот, транзитот и излезот на илегалната миграција од Македонија, изјави Иванов. Тој појасни дека АРМ ќе биде ангажирана за сите оние предизвици кои, како што рече, постојат кај локалното население, но и за достоинствено пријавување на сите оние кои имаат намера да побараат азил во нашата земја. „Не станува збор за локален или регионален проблем, станува збор за многу поширок проблем со кој се зафатени многу земји,па и целиот континент. Затоа ги следиме сите активности на другите земји, и сето она што тие го превземаат ќе го превземаме и ние“, рече Иванов. Одговарајќи на новинарско прашање дали очекува Европската унија да преземе нешто претседателот Иванов истакна дека има одредени најави, но оти досега преземените активности не соодветствуваат со настаните.