Владата прогласи кризна состојба во врска со мигрантите

Илјадници мигранти чекаат за влез во Македонија

На вчерашната седница македонската влада донесе одлука за прогласување кризна состојба во врска со мигрантите што влегуваат во земјата. Како што информираше предмалку МВР, полицијата и војската заедно ќе патролираат во граничната зона меѓу Македонија и Грција и ќе се потрудат физички да го спречат влегувањето на мигранти. Наскоро, како што се наведува, МВР и АРМ ќе формирале штаб за координирање околу спроведувањето на активностите. Инаку, како што јавуваат локалните медиуми, на македонско-грчката граница илјадници бегалци биле наредени долж граничниот појас и се обидувале да влезат во Македонија. Исто така, меѓународната пруга Солун-Скопје е блокирана од неколку илјади бегалци, а на грчка територија веќе биле заглавени два товарни и еден патнички воз. Пристигнала и грчката патролна полиција за да ги извести македонските полициски структури за ситуацијата од другата страна на границата.