САД: ПКК е терористичка организација

Американскиот Стејт департмент денеска ги отфрли тврдењата на висок претставник на Курдската работничка партија (ПКК) за „индиректни разговори“ меѓу ПКК и САД на одгласите за жестоките борби во Турција. Портпаролот на Стејт департментот Џон Керби, изјави дека САД не водат ниту директни, ниту индиректни разговори со ПКК, додавајќи дека тоа е странска терористичка организација. Керби изјави дека нема промена во позицијата на САД во однос на ПКК, бидејќи организацијата треба да се откаже од насилството, да го обнови мировниот процес и да ги запре нападите врз Турција. Џемил Бајак, еден од шефовите на ПКК, во интервју за британскиот весник „Дејли телеграф“ вчера посочи дека ПКК ќе прифати примирје доколку добие гаранции од САД. Тој во интервјуто зборува за индиректни разговори на организацијата со САД за ова прашање.