Обвинителството побара одмрзнување на сметките на Макпетрол

Основното јавно обвинителство Скопје ја уважи жалбата од правните лица Макпетрол АД и ОИЛКО КДА – Скопје, против донесеното решение на судијата на претходна постапка за обезбедување на имотот и за привремено запирање на извршување определени финансиски трансакции и даде предлог жалбата на решението во делот на ослободување на банкарските сметки да биде уважена.

„ОЈО Скопје, постапувајќи по допрен глас во текот на вчерашниот ден прибави дополнителни докази од Макпетрол АД Скопје, од кои се утврди потребата од ослободување на сметките на друштвото со цел овозможување непречена работа, како на Макпетрол АД Скопје во рамките на исполнување на веќе преземените обврски за снабдување со енергенси на други субјекти, така и со цел овозможување на работата на трети правни лица во кои Макпетрол АД Скопје се јавува како единствен содружник и извор на финансиски средства за нивното работење, соопшти Основното јавно обвинителство - Скопје.

Од тие причини, се додава во соопштението, во рамките на жалбената постапка што се води пред Основниот суд Скопје 1 - Скопје, по повод изјавената жалба од правните лица Макпетрол АД и ОИЛКО КДА - Скопје против донесеното решение на судијата на претходна постапка за обезбедување на имотот и за привремено запирање на извршување определени финансиски трансакции, доставен е одговор на жалба од Основното јавно обвинителство - Скопје, во кој е даден предлог жалбата на решението во делот на ослободување на банкарските сметки да биде уважена.