Нови средби за спроведување на договореното од Пржино

Илустрација.

Тимовите на ВМРО ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА денеска по двонеделна пауза повторно работат на спроведување на договорот од Пржино за надминување на политичката криза во Македонија. На состанокот присуствуваат Никола Поповски и Никола Тодоров од владеачката ВМРО-ДПМНЕ, Цветанка Иванова и Дамјан Манчевски од опозициската СДСМ, Муса Џафери и Артан Груби од ДУИ и Имер Алиу од ДПА. На средбата присуствува и белгискиот европратеник Питер Ван Хојт. Според првичните информации, на дневен ред е пречистувањето на избирачкиот список, предлогот за активната регистрација, како и гласањето на дијаспората. Ќе се разгледуваат и изборот на специјалниот јавен обвинител, надлежностите и структурата на ДИК и специјалниот обвинител и низа други прашања предвидени во договорот. Според договореното, до 15 септември треба да бидат утврдени законската рамка и името на човекот кој ќе ја извршува функција специјален обвинител за да може да биде избран во македонскиот парламент.