Пристигна траектот за бегалците на островот Кос

Голем патнички траект пристигна денеска на грчкиот остров Кос, кој ќе се користи за привремено сместување на сириски бегалци, што на островот пристигнале со мали бродови од Турција. Меѓународната организација за миграција соопшти дека бројот на мигранти и баратели на азил, што од почетокот на годината преку Средоземно Море пристигнале во Европа, до крајот на месецот ќе ја надмине бројката од 250.000 лица. Траектот „Елефтериос Венизелос“, што може да прими над 2.500 лица, ќе биде во функција од утре, како центар во кој Сиријците ќе може да се сместат додека чекаат на привремени патни документи потребни за напуштање на островот Кос. Генерал мајорот Захарула Цирихоти, која е шеф на огранокот на грчката полиција за заштита на границата, изјави дека Сиријците кои на Кос стигнале до четвтрок вечерта, досега веќе го минале процесот на скенирање. Според Цирихоти траектот ќе остане на Кос околу две недели.