„Лекари без граници“ - Грција не создава услови за прием на бегалците

Невладината организација „Лекари без граници“ упати остра критика до властите во Грција поради неспособноста да го реши проблемот со мигрантите и бегалците, кои масовно пристигнуваат на островот Кос. Ситуацијата, што првично се оценуваше како пропуст на државата, сега прерасна во злоупотреба од страна на државата, изјави денеска претставникот на организацијата Брис де ла Вин. „Лекари без граници“ изрази загриженост од ситуацијата во изминатите две недели на островот Кос, каде пристигнаа над 7 илјади бегалци и мигранти, главно од Сирија и Авганистан. Во денеска објавеното соопштение во Женева, организацијата наведува дека иницијативата на локалните власти за распоредување на бегалците на локален фудбалски стадион се спроведува без напори за создавање на услови за прием на бегалците. Претставници на „Лекари без граници“ на островот биле сведоци како чувари на приватни компании забранувале на бегалци и мигранти да седат на клупите во центарот на градот, како и дека од април на бегалците не им се дава храна.