Грција и Русија ја потврдија целисходноста од изградбата на Турски тек

Турски тек.

Грција и Русија ја потврдија целисходноста од изградбата на нов гасовод на грчка територија, наменет за пренос на руски гас до европските корисници. Тоа е потврдено во денешниот телефонски разговор на министрите за енергетика на двете земји Александар Новак и Панос Скурлетис, се наведува во соопштение на руското министерство за енергетика. Министрите разговарале за исполнување на потпишаниот меморандум за соработка за изградба и експлоатација на гасоводот на територија на Грција, за време на Меѓународниот економски форум во Санкт Петербург, како и планот за реализирање на проектот за изградба на гасовод на грчка територија од Турција до границата со Македонија. Поморскиот дел од Турски тек ќе се состои од три линии, секоја со капацитет од 15,75 милијарди кубни метри гас. Гасоводот ќе минува долж 660 километри од стариот коридор на Јужен тек и 250 километри од новиот коридор кон европскиот дел на Турција.