Грција и кредиторите пред договор за пакетот помош

Преговорите меѓу Грција и нејзините кредитори за новиот пакет финансиска помош влегоа во завршна фаза и договорот би можело да биде постигнат до вторник. Ова синоќа во Атина го соопштија извори блиски на преговарачките тимови. Грчките министри за финансии и економија Еуклид Цакалатос и Јоргос Статакис ги продолжија преговорите со претставници на Европската централна банка, Меѓународниот монетарен фонд и Европскиот стабилизациски механизам. Текстот на договорот, откако ќе биде постигнат, би требало да биде усвоен од грчкиот парламент по што ќе му биде претставен на министрите за финансии на еврозоната. Преговорите се однесуваат на третиот пакет помош во вредност од 85 милијарди евра во наредните три години. Се очекува помошта да биде одобрена до 20 овој месец.