САД распоредија Ф-16 во турската база „Инџирлик“

Шест американски воени авиони од типот Ф-16, два помошни авиона и 300 луѓе персонал пристигнаа вчера во базата Инџирлик кај турскиот град Адана како дел од коалицијата против милитантите на Исламска држава. Според Анадолија, во контингентот имало и транспортен авион Ц-5 и авион КЦ-135. Во минатиот месец Турција се согласи да дозволи сили предводени од САД да ја користат базата која се наоѓа во близина на границата со Сирија. Иако е дел од НАТО, Турција досега не учествуваше активно во операциите на коалицијата против ИД. Властите во Анкара го сменија ставот по нападот на 20 јули во јужниот турски град Суруч кога загинаа 32 лица. За нападот Анкара ги обвини џихадистите и почна со воени акции против цели на ИД и на ПКК.