Папата: нуклеарните напади се предупредување за човештвото

Поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциско денеска изјави дека нуклеарните напади врз Хирошима и Нагасаки пред 70 години остануваат постојано предупредување за човештвото да се отфрли војната и да се забрани оружјето за масовно уништување.

Папата за време на редовната неделна миса, американските напади со атомски бомби ги нарече "трагичен настан, кој продолжува да предизвикува страв и гнев".

Според него бомбардирањето на јапонските градови станало симбол на деструктивната моќ на човештвото кога науката и технологијата се ставени во "перверзна употреба".

Денеска се одбележува 70-годишнината од нуклеарниот напад врз Нагасаки, од американските воздухопловни сили. Три дена претходно падна првата атомска бомба врз Хирошима, со што брзо се стави крај на Втората светска војна.