Притвор за девет лица осомничени за тероризам

На девет од вкупно 36 лица осомничени за кривичното дело „учество во странска војска, полиција, паравоени или параполициски формации“ им е одредена мерка притвор во траење од 30 дена. Ова го соопшти Основниот суд Скопје 1. Притоа се наведува дека по разгледување на фактите и доказите предложени од Основното јавно обвинителство и по сослушувањето во присуство на нивните бранители било оценето дека биле исполнети условите кои произлегуваат од одредбите на Законот за кривичната постапка за определување мерка притвор. Другите 27 лица најпрвин ќе бидат приведени за што е издадена наредба, а потоа, по нивното обезбедување и сослушување, ќе се одлучува дали ќе бидат притворени. Македонската полицијата вчера спроведе акции за разбивање на радикални структури во Скопје, Куманово, Тетово, Гостивар и Струга.