Обвинение за лицето што ја прегази новинарката Павловска

Скопското јавно обвинителство ја заврши истрагата за сообраќајната несреќа во која минатиот месец животот го загуби новинарката на Македонско радио Сузана Тодоровска-Павловска, и до Основниот суд Скопје 1 поднесе обвинителен акт против едно лице за кривично дело „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“. Според наодите добиени од спроведените дејствија, како што соопшти денеска Јавното обвинителство, обвинетиот во состојба на пијанство под дејство на алкохол (1,52 промили во крвта и 2,42 промили во урина) и наркотични средства – канабис, го управувал своето возило „опел корса“ со брзина од 83 км/час при што загубил контрола и удрил во Тодоровска Павловска. „Во исто време со обвинителниот акт, Основното јавно обвинителство Скопје стави и посебен Предлог за продолжување на мерката „притвор“, се наведува во соопштението.