Над 2000 мигранти годинава загинале на Средоземното Море

Повеќе од 2000 луѓе оваа година загинале обидувајќи се да го поминат Средоземното Море за да стигнат до Европа. Меѓународната организација за миграција (ИОМ), денеска соопшти дека бројот на жртвите е за 20 проценти поголем во однос на истиот период минатата година. „Неприфатливо е во 21 век луѓето кои бегаат од конфликти, прогони, мизерија и понижување, кои мораат да трпат вакви страшни искуства, потоа да умрат на прагот на Европа“, рече генералниот директор на организацијата Вилијам Лејси Свинг. Портпаролот на ИОМ Италиј Вири за новинарите во Женева изјави дека околу 188 илјади луѓе оваа година биле спасени од чамците, додека се обидувале да го поминат Средоземното Море. Тој рече дека околу 97 илјади мигранти пристигнале во Италија и над 90 илјади во Грција. Многумина од оние што загинале биле на бродови патувајќи од Либија до италијанскиот остров Сицилија.