ЕУ: Турција соодветно да одговори на тероризмот

Европската унија денеска ја повика Турција да одговори на соодветен начин на тероризмот, за да не се загрози кревкиот мировен процес со курдските бунтовници. Еврокомесарот за соседска политика и проширување Јоханес Хан, на турскиот министер за евроинтеграции Волкан Бозкир, му кажал дека Анкара „има право да спречи и да реагира на секој облик на тероризам“, но дека „одговорот мора да биде сразмерен, насочен и на ниту еден начин да не го загрози демократскиот политички дијалог“, рекол Хан. Тој додал дека европскиот блок ја признава посветеноста на турските власти во засилувањето на борбата против Исламска држава и ја истакнува силната поддршка на ЕУ кон овие напори, но изразил и длабока загриженост поради можноста случувања да имаат негативно влијание на курдско-турскиот мировен процес. Во меѓувреме денеска тројца турски војници загинаа, а еден е повреден во експлозија на мина на југоистокот на Турција, соопштија безбедносни извори. Се претпоставува дека зад овој напад стојат припадници на Курдската работничка партија, наведуваат изворите.