Загинати и повредени од невремето во Тетовско

Тетово

Од свлечишта при силното невреме што вчера попладнего зафати тетовскиот регион има загинати и повредени. Според СВР Тетово, во двор од куќа во Голема Речица поплавата донела безживотно тело на дете од околу 10 години. Од тетовската болница информираа дека кај нив е донесено безживотно тело на 13 годишно девојче, најверојатно од Шипковица. Според непотврдени информации на жители од планинското село Шипковица, невремето усмртило две деца, а загинал и еден маж од околу осумдесет години додека се враќал од селската џамија. Невремето предизвика и прекин на сообраќајот кон Попова Шапка и патот Тетово Јажинце, додека во Доброште надојдените води го урнале бетонскиот мост. Дождот и ветрот предизвикаа штети и во градот при што беа поплавени улици и куќи, имаше оштетено и покриви, а од паднатите дрвја и гранки и оштетени автомобили. Премиерот Никола Груевски ја посети Голема Речица каде што штетите се најголеми. Невремето предизвика штети и во други делови на Македонија. За денеска е закажана седница на владата на која ќе се разгледаат натамошните активности за помош на погоденото население.