Кери: Соработка против дестабилизирање на земјите од Заливот

Американскиот државен секретар Џон Кери вели дека Вашингтон и арапските земји сојузнички од Заливот се подготвуваат да се спротивстават на дестабилизирачките акции во Заливот. Кери денеска говореше во Доха, по разговорите со земјите од Заливот за нуклеарниот договор меѓу нивниот регионален ривал Иран и светските сили. Кери вели дека тој и министрите за надворешни работи од Советот за соработка во Заливот се согласиле дека ако договорот целосно биде имплементиран, ќе придонесе за регионалната безбедност. Најголемите светски сили и Иран минатиот месец во Виена се договорија дека санкциите против Иран ќе бидат укинати во замена за ограничувања во неговата нуклеарна програма. Кери изјави дека исто така разговарале и за ракетна одбрана и за трансфер на оружје.