Азаров: Се формира Комитет за спасување на Украина

Поранешниот украински премиер, Николај Азаров.

Поранешниот украински премиер Николај Азаров го објави формирањето на како што тој го нарекува Комитетот за спасување на Украина. Азаров изајави дека целта на Комитетот е да го „обнови редот во нашиот дом.“ Тој додаде дека не може да ги соопшти имињата на сите членови на новоформираната група, бидејќи тоа е опасно. Азаров, популарните проевропски протести од минатата година со кои беше соборен претседателот Виктор Јанукович, ги нарече „пуч.“ Според Азаров, кој заедно со Јанукович и неколку високи претставници ја напуштија Украина и моментално престојуваат во Русија, „не е возможно повторно да се воспостави ред во Украина, без да се промени сегашното политичко раководство.“ 67-годишниот Азаров беше премиер на Украина од 2010 до 2014 година.Тој и Јанукович се барани од страна на украинските власти за злосторства, меѓу останатото за проневера и за злоупотреба на службената должност. Интерпол издаде меѓународна потерница за апсење на Азаров. Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков изјави дека руската Влада „нема никаква врска со оваа иницијатива.“