Мистеријата со авионот на Малезија ерлајнс

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Мистеријата со авионот на Малезија ерлајнс

Дел од авионско крило што вчера бил пронајден на еден остров на Индискиот океан би можело да биде од Боингот 777 на Малезија ерлајнс што мистериозно исчезна на 8 март минатата година. Според експертите, за неколку денови ќе се знае дали остатокот е од Боингот во кој имало 239 патници и членови на екипажот.

Делот е пронајден кај градот Сент Андре на францускиот остров Реунион.

Во тек е истрага и засега нема податоци врз основа на кои со сигурност може да се каже дека делот во должина од два метра му припаѓал на исчезнатиот авион.

„Крилото е полно со школки, што значи дека долго време било во вода“, велат сведоците.

Експертот за воздухопловна безбедност Гзавие Тителман изјави дека постои неверојатна сличност, но оти за неколку денови јавноста ќе добие дефинитивен одговор дали остатокот е дел од Боингот што исчезна над Јужното кинеско море.

Тој објаснува дека фактот што делови на малезискиот авион можеби биле пронајдени кај Реунион говори дека брановите ги донесле од западниот брег на Австралија каде што беше баран врз претпоставката дека се урнал.

Нашата цел не е само да се пронајде авионот, туку, исто така и да се утврди што навистина се случи и зошто.

Доколку се потврдат ваквите наводи тоа ќе значи дека деловите го минале целиот Индиски океан.

„Нашата цел не е само да се пронајде авионот, туку, исто така и да се утврди што навистина се случи и зошто“, се наведува во соопштението на компанијата Боинг.

Авионот исчезна над Јужното кинеско море само еден час по полетувањето од Куала Лумпур кон Пекинг.

Но, доказите покажале дека тој мистериозно го сменил курсот и се упатил на југ кон Индискиот океан.

И покрај масовната потрага организирана од властите на Малезија и на Австралија, а во која учествуваа и други земји, досега не беше откриен ниту дел од авионот.

Потрагата се одвиваше на над 50 илјади квадратни километри. Тоа беше една од најголемите авионски мистерии.

Повеќето експерти сметаат дека авионот се урнал во море, но енигматичното исчезнување од радарите ги подгреа теориите на заговор за тоа што навистина можело да се случи со авионот.

Австралискиот океанограф Робин Робертсон оценува дека тајмингот и локацијата кога и каде е најден делот од крилото ги прави многу веродостојни наводите дека му припаѓа на Боингот, со оглед на она што е познато за струењата на водите во Индискиот океан.

Други австралиски експерти се на мислење дека местото каде што се појави остатокот на авионот покажува дека биле точни проценките дека тој се урнал во морето западно од Австралија.

„Доколку се покаже дека делот му припаѓа на Боингот, тоа ќе биде во согласност со анализите и моделите дека и другите делови на леталото се во јужниот дел на Индискиот океан“, изјави заменик премиерот на Австралија Ворен Трас.