Руско вето за суд за авионот соборен над Украина

Русија синоќа во Советот за безбедност на Обединетите нации стави вето на резолуцијата за воспоставување меѓународен трибунал за одговорните за минатогодишното соборување на малезискиот патнички авион над источна Украина. Единаесет земји членки на Советот гласаа за предлогот на Малезија, Австралија, Холандија и Украина, додека Кина, Венецуела и Ангола се воздржаа од гласањето. Украина и Западот се сомневаат дека Русија и проруските бунтовници во источна Украина на 17 јули минатата година со ракета земја воздух го собориле малезискиот авион со 298 патници и членови на екипажот. Околу 200 од патниците на авионот кој летал на релација Амстердам Куала Лумпур биле холандски државјани. Русија одбива секаква одговорност за настанот.