На дневен ред ингеренциите на специјалниот јавен обвинител

Претставници на четирите политички партии, потписнички на договорот од Пржино за излез од политичката криза во Македонија, во рамките на работните групи, денеска, според најавите, би требало да разговараат за законските измени и точните ингеренции на специјалниот јавен обвинител. Тој треба да биде избран на 15 септември и да работи на расчистување на сомнежите кои произлегоа од прислушуваните разговори кои ги обелодени лидерот на опозицијата, Зоран Заев и случајот „Пуч“. Според договорот, специјалниот јавен обвинител ќе има целосна автономија во својата работа. Досега со работните групи, кои беа фокусирани на Избирачкиот список и гласањето на дијаспората, работеше медијаторот од Европската комисија, Питер Ванхауте. На денешните разговори пак, како посредник треба да учествува Џејмс Хамилтон.