Во Македонија и натаму многу топло време

Во Македонија поради топлото време до 4 август ќе продолжат да важат донесените препораки за ослободување од работни обврски на бремените жени и хронично болните лица на возраст над 60 години, како и препораките да се избегнува вршење градежни активности на отворено во периодот од 12 до 17 часот, соопшти вечерва Министерството за здравство. Продолжувањето на препораките, кои важеа и деновиве е поради најавата од Управата за хидрометеоролошки работи дека до крајот на неделава ќе продолжат високите температури над 40 степени. Министерството наведува дека во претстојниот период континуирано ќе се следи состојбата и ќе се преземаат соодветни мерки според временските состојби.