Нови рации против Исламската држава и ПКК во Турција

Турските безбедносни сили рано утрово повторно покренаа рација ширум земјата и притоа уапсија осомничени припадници на Исламската држава, како и на забранетата Курдска работничка партија (ПКК), јавија турски медиуми.

Новите рации се спроведени во повеќе турски провинции, вклучувајќи ги градовите Истанбул, Анкара, Коња во централна Турција и Маниса на запад.

Во рациите се уапсени поголем број луѓе, иако точната бројка сè уште не е соопштена. Канцеларијата на турскиот премиер Ахмет Давутоглу, меѓутоа, денеска соопшти дека во досегашните операции, спроведени вчера и денеска во 22 провинции, вкупно се приведени 320 луѓе.

Турските власти вчера утрото притворија 251 лице во координирани рации извршени ширум земјата против осомничени џихадисти на ИД и курдски милитантни активисти, по бранот напади во земјата.