Турција влегува во војната против ИД

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Турската база Инџирлик ќе се користи за напади врз ИД

Претседателите на Соединетите држави и на Турција Барак Обама и Реџеп Таип Ердоган се согласиле американската војска да изведува воздушни напади врз позиции на милитантите на Исламската држава од базата на НАТО Инџирлик. Во меѓувреме турската војска почна да извршува напади врз милитантите во Сирија.

Според договорот, како што објави весникот „Волстрит џурнал“ повикувајќи се на извори во Пентагон, американските сили ќе ја користат базата за полетување на авиони и беспилотни летала.

Но, Белата куќа одби да ги коментира ваквите наводи.

„Што се однесува посебно до Инџирлик немам некакви детали за тоа. Но, можам да ви потврдам дека двајцата лидери се согласија дека ќе ја продлабочат соработката против милитантите на Исламската држава“, изјави портпаролот на Белата куќа Џош Ернст.

Турските медиуми јавуваат дека договорот за користење на базата Инџирлик бил постигнат во средата.

Турција која се соочува со директна закана од Исламската држава најужната граница со Сирија, досега одбиваше да влезе во меѓународната коалиција предводена од Соединетите држави.

Што се однесува посебно до Инџирлик немам некакви детали за тоа. Но, можам да ви потврдам дека двајцата лидери се согласија дека ќе ја продлабочат соработката против милитантите на Исламската држава.
Џош Ернст, портпарол на Белата куќа

На американските авиони не им беше дозволено да извршуваат летови и да бомбардираат цели на милитантите на Исламската држава од базата Инџирлик.

Оценката на Анкара беше дека само соборувањето на сирискиот претседател Башар ал Асад, а не воздушните напади врз радикалните исламисти, може да донесе мир во регионот.

Ваквиот турски став беше големо разочарување за сојузниците во НАТО, вклучувајќи ги и Соединетите држави чиј приоритет е борбата против Исламската држава, а не соборувањето на Асад.

Меѓутоа, деновиве дојде до влошување на безбедносната состојба во Турција откако најпрвин во бомбашки напад на самоубиец поврзан со Исламската држава загинаа триесетина млади Курди во Суруч, град кој се наоѓа во близина на сирискиот Кобани каде што се водат тешки борби меѓу милитантите и сириските Курди.

Во меѓувреме, во Анкара е соопштено дека турски воени авиони извршиле напади врз четири позиции на милитантите на Исламската држава.

До ова дојде откако во четвртокот имаше размена на артилериски оган при што бил убиен еден турски војник.

Турските власти сметаат дека нападите од страна на Исламската држава се одговор на последните апсења на луѓе во Турција под сомневање дека работеле за исламистите.

Турскиот премиер Ахмед Давутоглу изјави дека неговата влада ќе ги преземе сите неопходни мерки за да ја заштити националната безбедност и од исламските екстремисти и од курдските милитанти.

Имено, во четвртокот еден турски полицаец бил убиен во Дијарбекир, град кој претежно е населен од Курди.