Турската база Инџирлик ќе се користи за напади врз ИД

По повеќемесечни преговори Турција се согласи да и дозволи на американската војска да изведува воздушни напади врз позиции на Исламската држава од базата на НАТО Инџирлик, која е во близина на границата со Сирија, објави „Волстрит џурнал“. Според договорот што го постигнаа претседателот на САД и на Турција Барак Обама и Реџеп Таип Ердоган, американските сили ќе ја користат базата за полетување на авиони и беспилотни летала. Во вчерашниот напад на џихадистите од сириска територија врз армијата на Турција загина еден турски војник. На тоа турската војска одговори со артилериски оган врз позициите на милитантите во Сирија.