Иран ги обновува трговските врски со Европа

Иран ги објави плановите за обнова на главните индустрии и трговските врски со Европа по потпишувањето на договорот за нуклеарната програма со светските сили. Според договорот, санкциите против Техеран постапно ќе се укинуваат во замена за прифаќањето на Иран за долгорочни ограничувања на нуклеарната програма. Иранскиот заменик министер за нафта, трговија и меѓународни прашања, Хосеин Заманиниа, на денешната инвеститорска конференција во Виена, рече дека Исламската република има скоро 50 проекти за нафта и гас вредни 185 милијарди долари кои се надева дека ќе бидат потпишани до 2020 година. Министерот за индустрија, рударство и трговија, Мохамад Реза Немацадех, рече дека Иран повеќе бара „двонасочна трговија, како и соработка за развој, проектирање и инжинеринг“, отколку „еднонасочен увоз на стоки и машини од Европа“. Заменик министерот за економија Мохамад Хазаи рече дека во изминативе неколку недели Техеран одобрил проекти во вредност од над две милијарди долари во Иран од европски компании, но не даде дополнителни детали.