Препораки поради топлото време

Владата, на предлог на Министерството за здравство денеска донесе препорака за ослободување од работните обврски на бремените жени и хронично болните лица на возраст над 60 години, во периодот од утре до вторник - 28 јули.

Како што соопшти денеска Министерството за здравство, во истиот период, се препорачува градежните работници кои работат на отворено, да не работат од 12 до 17 часот.

Препораките се донесени имајќи предвид дека подолг период државата е зафатена со повисоки температури, кои според најавите од Управата за хидрометеоролошки работи ќе продолжат во претстојниот период до почетокот на следната недела.

Граѓани имаат можност да добијат здравствен совет и превентивни препораки за заштита од високи температури во рамки на здравствените пунктови поставени во сите градови во државата, секој ден од 18 часот и 30 минути до 21 часот и 30 минути.