Бугарија нема да биде пречка за помошта на Грција

Бугарија повеќе нема да се противи на одобрувањето на итниот тримесечен кредит на Грција во износ од седум милијарди евра, откако добила уверување од Брисел „дека тоа нема да има директно влијание врз неа“, јавија медиумите во Софија.

„Европската комисија ни даде целосни гаранции дека Бугарија на никаков начин нема да претрпи загуби, да има трошоци или да одвојува средства до својот буџет за спас на Грција“, изјави бугарскиот премиер Бојко Борисов.

Во обраќање пред пратениците во бугарското Собрание, Борисов нагласи дека Софија нема да мора да учествува во помошта за Грција со „ниту еден лев“.

Според Борисов, не би било „европски и добрососедски“ ако Бугарија биде единствената земја во ЕУ која би била против помошта за Грција.

Претходно, бугарските вицепремиери Румјана Бачварова и Томислав Дончев изјавија дека е „многу веројатно“ оти Бугарија ќе се спротивстави на користењето на средства од Европскиот стабилизациски механизам за помош на Грција.