САД го поздравија договорот за решавање на кризата во Македонија

„Соединетите држави ги пофалуваат лидерите на Македонија за постигнатиот договор за решавање на политичката криза“. Ова го изјави портпаролот на Стејт департментот Џон Кирби на редовната прес конференција во Вашингтон. Тој додаде дека договорот претставува компромис меѓу сите партии и им служи на интересите на граѓаните на Македонија преку зајакнување на изгледите на земјата за евроатланските интеграции. „Ние и нашите меѓународни партнери ќе продолжиме да и помагаме на Македонија во напорната работа која претстои. Соединетите држави во голема мера ги ценат напорите на еврокомесарот Јоханес Хан и на членовите на Европскиот парламент, заедно со амбасадорите на Европската унија и на Соединетите држави во Скопје, за да се олесни овој договор“, изјави портпаролот на Стејт департментот Џон Кирби.