Реакции за инцидентот меѓу Пешевски и Ивановски

ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ реагираа на денешниот инцидент меѓу вицепремиерот Владимир Пешевски и сопственикот на порталот Мактел, Саше Ивановски. Инцидентот се случил денеска попладне додека Ивановски му поставувал прашање на Пешевски за тоа дали се плаши од новиот јавен обвинител кој треба да биде назначен согласно договорот од Пржино. Ивановски тврди дека бил нападнат, а Пешевски дека немало физички контакт.

Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ вели дека СДСМ дирекно стои зад Ивановски.

„Значи СДСМ директно стои позади газењата и ограничувањата на слободата на говор која што ја прави Ивановски, врз упадите на јавните настани на Претседателот на Влада, позади вознемирувањата и упадите, навредите и провокациите врз јавни личности, пратеници, министри, културни и естрадни уметници“, се наведува во партиското соопштение.

Во него стои дека на Пешевски денес му бил нарушен интегритетот и бил вознемируван и предмет на вербален, со можност за сериозен физички напад од страна на, како што велат, платеникот на СДСМ Саше Ивановски.

„Следниот пат, и СДСМ и платениците како Политико и слични на него треба да бидат свесни дека ќе се носат со последиците кои се резултат на било кое загрозување на приватност, слобода и права кој секој поединец и субјект независно од функцијата која ја поседува. За вакви случаи треба да се применат методи и техники кои се реализираат во сите слични случаи и примери застапени во западните демократски земји.“ се вели во партиското соопштение.

Од СДСМ преку соопштение го осудуваат, како што велат, скандалот во којшто вицепремиерот Владимир Пешевски, физички го нападна сопственикот на порталот Мактел, Саше Ивановски, за време на извршување негова работна задача.

„Овој насилнички и нецивилизиран однос на заменик премиерот Владимир Пешевски е уште еден доказ какви нелуѓе седат во Владата на Никола Груевски. Денешниот инцидент со физичкиот напад на Пешевски врз Ивановски покажува каква нервоза владее меѓу соработниците на Никола Груевски, по вчерашниот договор за нова Влада без Груевски, којашто треба да спроведе слободни и фер избори“, стои во соопштението на СДСМ.

Според нив, Пешевски веднаш мора да си поднесе оставка.

„Мојата денешна постапка беше водена од одбранбениот инстинкт, емоциите и крајно негативното искуство со лицето Саше Ивановски. И покрај тоа што целата ситуација беше испровоцирана, сепак мојата реакција беше пресилна, но при тоа сепак немаше никаков физички контакт меѓу мене и Ивановски, што може да се види ако внимателно се погледне снимката“, стои во реакцијата на вицепремиерот Владимир Пешевски, објавена на неговиот фејсбук-профил.