НАТО планира вежба со 36 илјади војници

НАТО денеска ја најави својата најголема воена вежба, од 2002, на која ќе учествуваат 36 илјади припадници на копнените, морските и воздухопловните сили од повеќе од 30 држави, меѓу кои и земји кои не се членки на НАТО, како Шведска и Австрија. Од Алијансата велат дека вежбата е планирана со години и со неа треба да се провери подготвеноста на НАТО да реагира на новите закани - ширењето на радикални групи, како Исламската држава на Блискиот Исток и во Северна Африка. Вежбите ќе бидат изведени во октомври и во ноември во Италија, Шпанија и Португалија, во соседните води и во воздушниот простор. Целта на вежбата е да и се помогне на фиктивната земја Соротан, која не е членка на НАТО, а се соочува со внатрешни поделби и закани од соседните земји.