Се уште се истражува хеликоптерската несреќа во Струмица

Основното јавно обвинителство Струмица една година интензивно работи на хеликоптерската несреќа што се случи на 10 јули 2014 година во Струмичко, во која животите ги загубија четворица пилоти.

Од Обвинителството напоменуваат дека во моментов се уште не може да се говори за кривична одговорност на физичко или правно лице. - Комисијата за испитување на хеликоптерската несреќа ги испитуваше причините за несреќата, без притоа да ја утврдува вината за случениот трагичен настан, се истакнува во денешното соопштение од Јавното обвинителство.

Јавното обвинителство во следниот период по целосното прибирање на материјалот побаран со наредба и негова анализа, а по добиениот наод и мислење на вешто стручно лице, ќе се донесе јавно обвинителска одлука за тоа дали постои, каде и кај кого евентуална лична кривична одговорност за падот на хеликоптерот, се додава во соопштението.

Основното јавно обвинителство Струмица на 10 јули 2014 година ја започна истрагата за трагичен настан – несреќа на хеликоптер тип МИ 17 В5 со регистарска ознака МАП 7712, во сопственост на МВР Скопје.

Несреќата беше кобна за четворицата пилоти кои вечерта околу 22:00 часот ги загубија животите.