Србија забрани јавни собири за Сребреница

Српската полиција ги забрани сите јавни собири планирани во главниот град за одбележување на 20-годишнината од масакрот во Сребреница, поради безбедносни причини. Забраната се однесува и на собири во чест на жртвите и оние од ултранационалистите кои се заканија дека ќе ги прекинат таквите настани.

Невладината организација „Иницијативата 7.000“, за утре најави настан во Белград, на кој околу 7.000 луѓе треба да лежат на тротоарот пред парламентот, во чест на жртвите во Сребреница. Неколку српски ултранационалистички групи, кои негираат дека во Сребреница имало геноцид, се заканија дека ќе го растурат настанот.