Започна тридневниот марш за Сребреница

Неколку илјади луѓе денеска го започнаа годишниот 100-километарски марш во чест на жртвите од масакрот во Сребреница во 1995 година. Учесниците на тридневниот марш ги следат чекорите на босанските муслимани - мажи и момчиња кои бегале пред силите на босанските Срби кои се наближувале кон заштитената област од ОН во Сребреница на 11 јули 1995 година. Сепак, комеморативниот марш се одвива во спротивната насока, почнувајќи во Незук во близина на Тузла па до Сребреница. Тие треба да пристигнат во меморијалниот центар Поточари во Сребреница на 11 јули на одбележувањето на 20-годишнината од масакрот. Околу 15 илјади муслимански мажи и момчиња се обиделе пешки да избегаат преку шумата до територијата под контрола на босанските муслимани во источна Босна и Херцеговина.

Советот за безбедност на ОН го одложи гласањето на предлог резолуцијата подготвена од Велика Британија, според која масакрот во Сребреница се прогласува за геноцид, откако Русија се закани дека ќе стави вето.

Претставници на водечките политички групи во Европскиот Парламент денеска ја усогласија нацрт резолуцијата за Сребреница, за која утре ќе се гласа на пленарна седница во Стразбур.