ЕК треба да добие мандат за преговори со Грција

Европската комисија треба да добие мандат од еврогрупата за обновување на преговорите со Грција, изјави денеска заменикот претседател на комисијата Валдис Домбровскис. Местото на Грција е и останува во Европа, стабилноста на еврозоната не е под прашање, истакна тој, додавајќи дека се почитува демократскиот избор на Грците на вчерашниот референдум, но дека во еврозоната има 19, а не само една демократија.

„Нема лесен излез, многу време и можности беа потрошени, многу малку се добитници од сегашната ситуација, изјави заменикот претседател на ЕК, нагласувајќи дека за изнаоѓање на решение е потребно сериозно однесување од сите преговарачки страни. “

Официјален Берлин, пак, смета дека по грчкото „не“ за предлозите на кредиторите, сега нема простор за нови разговори со Грција за нов пакет за помош или за намалување на долгот.

„Во светло на вчерашната одлука на грчките граѓани нема основа за влегување во нови преговори за нова програма за помош“, изјави денеска во Берлин портпаролот на германската канцеларка Ангела Меркел, Штефан Зајберт.