Русија загрижена за уставните измени во Украина

Лидерот на сепратистичкиот регион Доњецк, Александар Захраченко.

Русија изрази длабока загриженост во врска со предложените измени на Уставот на Украина. Според руските власти Киев ги игнорира барањата на сепаратистичките бунтовници.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, денеска изјави дека украинските власти го прекршуваат мировниот договор потпишан во Минск во февруари, со тоа што не ги земаат во предвид мислењето на бунтовниците.

Во меѓувреме, лидерот на сепратистичкиот регион Доњецк, Александар Захраченко, се пожали дека тој и неговиот колега од Луганск, Игор Плотнитски, не биле консултирани во врска со уставните измени.

Украинскиот претседател Петро Порошенко вчера претстави план со кој ќе им се даде поголема моќ на регионите и поголема контрола над нивните буџети, но во предлогот на Порошенко не се спомнува полуавтономниот статус кој го бараат бунтовниците.