Македонија не ги гарантира човековите права

Комитетот за човекови права на ОН утре и задутре ќе го разгледува извештајот на Амнести интернешнл за почитување на човековите права во Македонија во услови кога продолжува политичката криза.

Во пресрет на состанокот, Амнести интернешенел го достави до Комитетот за човекови права документот во кој се нотирани повредите кои ги направила македонската влада врз правата утврдени со Меѓународната конвенција за граѓански и политички права и во кој се наведени препораки до македонските власти.

Извештајот на Амнести Интернешнал се поднесува во време кога во земјата има политичка криза која уследи по објавувањето на таканаречениот скандал со прислушувањето и објавувањето во јавност на снимените разговори меѓу владини претставници. Со содржината се поткопува владеењето на правото и човековите права до таa мера што е доведен во прашање кредибилитетот и интегритетот на владата, се наведува во извештајот.

Во овој контекст, организацијата забележува дека одговорноста за прислушувањето и следењето јасно се припишува на премоќната Управа за безбедност и контраразузнавање, која постапува надвор од нејзиниот законски мандат во отсуство на ефективна контрола.

Амнести интернешенел смета дека се додека не се спроведе целосна и непристрасна истрага во врска со наводите за криминал, корупцијата и злоупотребата во срцето на Владата во Македонија, како што сугерира содржината на снимките, Македонија не ќе може да ги заштити и да ги почитуваат правата утврдени во Конвенцијата.

Долготрајна загриженост за недостатокот на независност на судството, вклучувајќи ја и канцеларијата на Јавниот обвинител, за кои беa објавени снимки, го покажуваат степенот на владина контрола и непочитувањето на независноста на овие институции. Мора да се преземат итни мерки за да се врати владеењето на правото и почитувањето на независноста на судството, нотира Амнести интернешнл.

Организацијата исто така пишува и за растечката меѓународна загриженост за мешањето во правото на слободно изразување, вклучително и прислушувањето на новинари. Амнести ја повикува владата да престане со своите обиди за контрола на медиумите.