Ахмети - очекувам следната лидерска да биде финална

ДУИ прави максимални напори за решавање на политичките проблеми и не отвора нови теми, а со тоа и нови проблеми за што плаќа огромна цена како партија, но е целосно решена да остане во процесот до решавањето на политичката криза во земјата, изјави денеска лидерот на ДУИ Али Ахмети, кој имаше средба со амбасадорите на ЕУ во земјата.

„За крајот на неделава закажано е продолжение на дијалогот помеѓу четирите политички партии. Беа побарани дополнителни два дена за внатрепартиски консултации и нивно позиционирање за следната лидерска средба за која очекувам дека ќе биде финална и која ќе придонесе да се зафатиме за реализирање на договореното и во пракса“, изјави Ахмети.

Не би било добро за никого, рече тој, доколку на следната лидерска средба нема конкретен договор за затворање на сите прашања што била и пораката од амбасадорите на земјите членки на ЕУ, кои истакнале дека одговорноста за случувањата во земјата е на сите и оти очекуваат конечен договор.

Амбасадорите на земји - членки на Унијата денеска се сретнаа и со лидерот на ДПА Мендух Тачи.