НБРМ со мерки за превенција на одлив на капитал кон Грција

Народната банка на Македонија презема заштитни мерки со привремен карактер заради превенција од опасноста евентуални позначителни одливи на капитал од Македонија кон Грција да предизвикаат позначително нарушување на рамнотежата во билансот на плаќања и нарушување на стабилноста на финансискиот систем. Мерките се воведуваат со рок на траење најмногу од шест месеци. Мерките се по одлуката на Европската централна банка да го замрзне нивото на вонредна ликвидносна поддршка имајќи го предвид ризикот за неизвршување од страна на Грција на отплатите по долгот кои достасуваат на 30 јуни, откако грчката влада реши да одржи референдум за условите на нејзината програма со кредиторите. Превентивните мерки се однесуваат на ограничување на капиталните одливи од македонски физички и правни лица кон грчките субјекти врз основа на ново склучени капитални трансакции, но не и на ограничување на одливите врз основа на пристигнати плаќања за веќе склучени капитални трансакции. Заради обезбедување на средствата што домашните банки ги имаат во банките во Грција, македонските банки се должни да ги повлечат сите кредити и депозити од банките со седиште во Грција и нивните филијали и подружници во странство, без оглед на договорената рочност.