Фер избори со политичка волја или нов изборен систем?

Kакви промени во изборниот систем ќе донесат демократизација и диспензирање на моќта? Во ситуација кога начинот на кој се спроведуваат изборите во земјава е дел од преговорите на политичките партии во посредништво на ЕУ за излез од политичката криза се наметнува прашањето што е потребно – политичка волја или нов изборниот систем за конечно одвојување на партијата од државата. Какви опции се во игра? Како да се ослободи Македонија од лажните гласачи во избирачките списоци и кој изборен систем најмногу ќе ја застапува волјата на гласачите во Собранието.

Финализирање на изборните реформи во согласност со препораките од ОБСЕ/ОДИХР и Венецијанската комисија, вклучувајќи зголемување на опсегот и можностите за поднесување на жалби и приговори, обезбедување на доволна одвоеност на државата од партиските активности и овозможувајќи обединет партиски пристап до изборните органи на сите нивоа.

Објавите на опозицијата на прислушуваните разговори ги потврдуваат претпоставките за изборни нерегуларности, околу манипулација со избирачкиот список, купување на гласови, заплашување на гласачи, вклучувајќи и закани кон државните службеници и спречување на гласачи да ги дадат своите гласови.
Извештај на ЕК.

Спроведување ревизија на избирачкиот список, во согласност со препораките на ОБСЕ и ОДИХР, со што ќе биде оценета точноста и комплетноста на гласачките податоци, особено во делот што се однесува на можните гласачи кои се дуплираат во списоците, гласачи кои посебно се заведени со број на лична карта и посебно со број на пасош, како и голем број на регистрирани гласачи на една адреса.

Ова се приоритетните реформи кои Европската Комисија бара да се спроведат во однос на изборниот систем во Македонија, по краткотрајниот скриниг на земјава што го направија група европски експерти. Реформирање на изборниот процес е дел и од преговорите меѓу политичките партии во посредништво на Еврокомесарот Јоханес Хан.

До сега ниту една од партиите не сподели повеќе информации за какви промени конкретно се преговара. Во меѓувреме во извештајот на европските експерти предводени од Рајнхард Прибе се посочува дека набљудувачите на минатогодишните избори искажале голема загриженост за несоодветното раздвојување на државата од партиските активности, обвинувања за заплашување на гласачи, непотпотполност на избирачкиот список, индиректна контрола на владејачката партија врз медиумите поради државната доминација во рекламниот маркетинг, неуспехот на медиумите да направат разлика меѓу покривањето на државните функционери во нивните ангажмани како министри и кандидати, допринесоа кон поткопување на линијата меѓу партијата и државата.

Во извештајот се истакнува дека објавите на опозицијата на прислушуваните разговори ги потврдуваат претпоставките за изборни нерегуларности, околу манипулација со избирачкиот список, купување на гласови, заплашување на гласачи, вклучувајќи и закани кон државните службеници и спречување на гласачи да ги дадат своите гласови.

На почетокот на март, лидерот на опозицијата Зоран Заев објави прислушувани разговори, во кои како што тврди се слушаат гласовите на првите владините функционери кои разговараат за како да се извршат изборни манипулации.

„Женски глас : Сега му е мајката да ги исчистиме, да ги сотреме.

Женски глас: После за уши, циган по циган ќе ги вадиме.Сега како што знаеш имаме по 50 души во стан од 40 квадрати.

Женски Глас: Кол центар имаме во МВР . Имаме два штаба. Еден штаб е кај мене на спрат во МВР, кој е месен комитет на ВМРО, Кол центар, се има кај нас.

Машки глас: Значи, циркус, а?

Женски глас: Вика, Ристе го пуштивме да ни кажува од лице место. Една од СДС се држи за радијатор и ме гребе, и оваа се мава од радијатор. Човечињава идат и гласаат и ќутат. И климаат со глава. Тој еден луд џандар и вика, госпоѓо отстапи....Лудница. Ама знаеш, таму е стварно лудница, ама си гласаат луѓево. хахаххаха

Машки глас: Си гласаат луѓето непречено.

Женски глас: Мислам, ја многу би сакала да видам како изгледа оваа како се мавала од радијатори и му вика, Ристе тебе те знам, ќе видиш ти убаво.“

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Заев - Груевски победува на местени избори

Изборите носат страв

Речиси секоја година има избори, и тоа што успеав да го забележам е дека постои страв кога се работи за изборите, страв на сите страни и на сите нивоа на општеството, вклучувајќи ја политичката елита, вели Мариане Берец, вршителка на должност шеф на мисијата на ОБСЕ во Македонија, во неделното интервју на Радио Слободна Европа. Таа истакнува дека во прислушуваните разговори има многу индикации дека можеби постојат наводни прекршувања на демократските правила за време на изборите.

Нејасната граница помеѓу партијата и власта, структурата треба да биде јасна, парите кои владата ги дава на медиумите за реклами, довербата во изборниот список треба да биде вратена, довербата во демократското справување и транспарентното справување со изборниот процес, исто така треба да биде вратена.
Мариане Берец, вршителка на должност шеф на мисијата на ОБСЕ во Македонија,

„Нејасната граница помеѓу партијата и власта, структурата треба да биде јасна, парите кои владата ги дава на медиумите за реклами, довербата во изборниот список треба да биде вратена, довербата во демократското справување и транспарентното справување со изборниот процес, исто така треба да биде вратена“, вели Мариане Берец, вршителка на должност шеф на мисијата на ОБСЕ во Македонија,

Француската амбасадорка во Скопје Лоренс Оер во интервју за Радио Слободна Европа изјави дека една од основните точки е функционирањето на Изборниот закон, на изборната комисија и спроведувањето на правилата кои впрочем се нормални правила во демократија кои овде еднаш за секогаш треба да почнат да се спроведуваат.

„Треба избирачките списоци да соодветствуваат со избирачкото тело, треба државната изборна комисија да ги прегледа избирачките списоци, да се пречистат избирачките списоци од лица кои долго време или не се запишани или се преселиле, не треба да има веќе лажни гласачи, не треба да има издавање на лични карти кои би биле дискутабилни, треба сè да се дефинира добро во тој транзиционен период, како и начинот на финансирање на владата на различните политички партии. “

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Оер - Најважно е да се дефинира транзициониот период

Власта во предизборн кампања

Додека големите партии зад затворени врати тивко разговараат за нови измени на изборниот законик, власта индиректно започна со предизборна промоција. Партиски вработувања, покачување на плати и пензии, субвенции, раздолжување со стопанството, најави за инвестиции кои само што не пристигнале, во комбинација со медиумска кампања, се дел од мерките кои се во тек.

Значи огромно е влијанието на партијата која што ги добива изборите и на претседателот на партијата, и ние во суштина имаме суспендирање на законодавната и судската власт, во суштина се се одлучува од страна на една личност, односно од лидерот на партијата.
Павле Трајанов, Демократски Сојуз.

Потребата за промена на изборниот модел, иако е заговарана од поодамна, никогаш не се наметна како горливо прашање, пред се поради отпорот кај двете најголеми партии, кои околу ова имаат премолчена согласност. Додека најголемите четири партии молчат, помалите партии повторно јавно се обидуваат да го стават на големата маса прашањето за целосна промена на изборниот модел, со што според нив, ќе се гарантира демократизација, дисперзија на моќ и одвојување на државата од партиските активности.

Тие сметаат дека изборниот модел е еден од факторите зошто во Македонија доаѓа до концентрација на политичката моќ и развој на авторитарното владеење. За нив нема логика да се решава кризата, а системските решенија, кои довеле до таа криза, да останат непипнати, затоа што така се третираат само последиците, а не и причините за политичкиот хаос.

Ќе се ослободи политичкиот простор од потреба за народски кажано – ценкање, помеѓу помалите и поголемите партии. И тоа би дало шанса на помалите партии да влезат во парламентот и тоа би довело до намалување на моќта на поголемите партии во Парламентот.
Бојан Маричиќ, Македонски центар за европско образование.

Коалициониот партнер во власта, Павле Трајанов од Демократскиот Сојуз смета дека досегашниот изборен модел фаворизира само две партии од кој потоа во Македонија се етаблира еднопартиски систем.

„Значи огромно е влијанието на партијата која што ги добива изборите, и на претседателот на партијата и ние во суштина имаме суспендирање на законодавната и судската власт, во суштина се се одлучува од страна на една личност, односно од лидерот на партијата. Тоа е резултат на тоа што Македонија е поделена на шест изборни единици, ги елиминира помалите партии и новите политички партии, ја елиминира можноста, помалите етнички заедници самостојно да настапуваат и во суштина ние етаблираме еден систем во кој нема контрола на извршната власт.“

Трајанов предлага да се смени досегашниот модел со девет изборни единици сосе дијаспората, и да се воведе само една изборна единица.

И забрана на доминација од медиумските куќи од партиските програми, на партиските програми како што беше случајот да речеме, со не знам колку илјади евра на ВМРО му поклонија Сител и Канал 5. Да се забрани тоа и да се пропишат казни, кој тоа ќе го направи да изгуби одредени права на пример да се занимава со дејноста и да биде парично казнет во висината на делото што го сторил.
Стојан Андов, долгогодишен политичар.

„Прво сметам дека е најдемократско решени, второ сметам дека ќе имаме реален одраз на волјата на граѓаните, што ќе се пресликува во Парламентот. Трета работа е што Владата ќе стане поодговорна и ќе бидат поодговорни носителите на јавни функции и што е најбитно ќе се демонтира еднопартискиот систем.“

Со тоа што ќе има поголем број на партии во Парламентот новата Влада ќе мора повеќе да соработува, осовено за крупните прашања, објаснува Трајанов.

Еден од излезите е една изборна единица

Бојан Маричиќ од Македонскиот центар за европско образование вели дека една изборна единица е еден од предлозите кои што би придонеле за гаранција дека законодавната власт ќе си ја добие назад својата моќ.

„Ќе се ослободи политичкиот простор од потреба за народски кажано – ценкање, помеѓу помалите и поголемите партии. И тоа би дало шанса на помалите партии да влезат во парламентот и тоа би довело до намалување на моќта на поголемите партии во Парламентот.“

Поранешниот претседател на Собранието и долгогодишен пратеник Стојан Андов вели дека со една изборна единица ќе се одбегне досегашниот проблем со гласовите од дијаспората со што тројца пратеници добиваат мандат со помалку од 600 гласа, а кандидати за пратеници кои добиле 9 илјади гласа да не влезат во Собранието. За да се гарантира одвојување на државата од партијата, односно злоупотреба на државни ресурси за партиски промоции, Андов предлага да се воведат строги санкции.

„И забрана на доминација од медиумските куќи од партиските програми, на партиските програми како што беше случајот да речеме, со не знам колку илјади евра на ВМРО му поклонија Сител и Канал 5. Да се забрани тоа и да се пропишат казни, кој тоа ќе го направи да изгуби одредени права на пример да се занимава со дејноста и да биде парично казнет во висината на делото што го сторил.“

Андов додава дека има многу можности за да создадат услови за организирање на вистински фер избори, но за тоа е потребно време.

„Времето кое треба да се мери откако ќе си оди Груевски од функцијата премиер, оттогаш треба да се мери времето кое може да дозволи под нормални услови да се создадат фер и демократски услови за избори.“

Отворени листи

Досегашната пракса на двата изборни система од кои мнозинскиот беше директно поврзан со изборот на гласачите и другата крајност - пропорционален систем што ги елиминира гласачите во директниот избор на пратеници се покажаа негативни со голем број на слабости вели поранешниот пратеник и политички аналитичар Мерсел Биљали. Тој вели дека со отворени листи изборите ќе добија поголем легитимитет, а резултатите ќе бидат поблиску до реалната волја на граѓаните.

Гласачите ќе имаат можност и да избираат кандидати и партии, а тоа е можност само со изборниот модел - отворени листи, со што практично гласачите освен што можат да гласаат за политичка партија, можат да гласаат за поединци на листата со што се прави друго рангирање од тоа што го направиле политичките партии и тоа ги елиминира слабостите.
Мерсел Биљали, универзитетски професор.

„Гласачите ќе имаат можност и да избираат кандидати и партии, а тоа е можност само со изборниот модел - отворени листи, со што практично гласачите освен што можат да гласаат за политичка партија, можат да гласаат за поединци на листата со што се прави друго рангирање од тоа што го направиле политичките партии и тоа ги елиминира слабостите.“

Помалите политички партии стравуваат од можен договор меѓу поголемите партии на намалување на 6-те изборни единици во Македонија на 3, односно спојување на две изборни единици во една, со што повторно ВМРО ДПМНЕ и ДУИ ќе останат на власт.

„Тој систем не би требало да се разликува многу од овој со 6 изборни единици. Или ќе се оди на една изборна единица или на овој со 6, друго е се само чиста козметика,“ вели Биљали.

Трајанов вели дека стравот на големите партии е дека ако има една изборна единица, ќе имаат помалку пратеници.

„Досега овие 25 години СДСМ И ВМРО-ДПМНЕ презентираа информации дека доколку Македонија е една изборна единица, дека ДУИ и ДПА и другите партии од албанската етничка заедница ќе имаат многу повеќе пратеници. Нашите анализи покажаа дека ако сме една изборна единица ДУИ и другите партии од етничките и верски заедници, ќе имаат помалку пратеници или пак ќе имаат толку колку што ќе добијат поддршка од граѓаните, ни повеќе ни помалку. “

Маричиќ вели дека за спроведување на промени на изборниот модел потреба е политичка волја и токму затоа притисокот требно да се насочен кон големите партии.

„ Мислам дека и тие ќе сфатат дека во секоја идна консталација во парламентот е потребно да имаме посилни пратеници, посилни граѓански претставници, а послаби партии како структура, како војска, бидејќи во такви услови како што досега функционираше парламентот си ја изгуби својата смисла и гледаме дека нема никаков углед кај граѓаните. “

Избирачкиот список не може да се среди без попис

Еден од основните проблеми во изборниот процес во изминативе неколку години е избирачкиот список и мандатот на Државната изборна комисија. Основната улога на Комисијата е да ги штити интересите на електоратот, а на партиите кои што ги поставуваат во неа.

Во извештајот на европските експерти е забележано дека таа е исполитизирана и неспособна да делува независно, да ги избегне политичките влијанија од сите партии и таквото однесување резултира со опаѓање на довербата во јавноста со што на крајот на денот прави да биде невозможно да се спроведат достојни изборни процеси. Во продолжение е наведено дека за групата експерти е несфатливо како независно тело со експлицитен мандат да ја штити законитоста на изборите, со моќ да иницира судења, кои се базирани на сомневања за грубо прекршување на избирачкиот законик, едноставно заклучува дека не може да преземе никаква акција во однос на откритијата. Европските експерти препорачуваат Државната изборна комисија проактивно да ги употребува своите широки овластувања и да презема иницијативи согласно мандатот, не сме е да забрани оценување на минатите избори како што неодамна кажа со простиот аргумент дека избирачкиот процес е завршен. Комисијата треба да развие култура на двопартиски пристап кон работа базирано на искуството и да ододелее да го носи мнозинството одлуките во согласност со политичките табори.

Андов смета дека Државата изборна комисија требно да биде сочинета од луѓе со интегритет, кои нема да бидат под влијание на партиите, иако тоа е тешко.

„Треба да се утврди начин на кој ќе се набљудува работата на членовите на Државната комисија. Ако се утврди за некој член дека пристрасно постапува треба да се предвиди строга казна или кривична одговорност за тоа лице, за да не му се исплаќа на никого да слугува и да ги извртува работите таму.“

Биљали смета дека избирачкиот список може да се исчисти само со посебен закон.

За чистење на избирачкиот список од лажни гласачи, од жителите на Пустец, од мртви лица, од иселени луѓе, потребно е само политичка волја од партиите на власт, вели Трајанов. Според неговите проценки, во избирачкиот список има заведено вишок од околу 200 илјади гласачи.

Државната изборна комисија и Министерството за внатрешни работи создадоа магичен круг во кој си ја префрла топката, тврдејќи дека ни двете институции во целост не се надлежни за спроведување на проверка на избирачкиот список. Па во една таква ситуација решението може да биде во спроведување на попис вели Андов.

„Ингеренциите може да им се одземат и да им се дадат, но решението не е во тоа, ние немаме извршено попис, не знаеме колку има население во земјава, колку луѓе се иселени а се во избирачкиот список. “

Маричиќ вели дека на следните избори единствена гаранција за одвојување на државата од партијата може да биде само меѓународната заедница.

„Прво засилен мониторинг од меѓународната заедница, но и засилен мониторинг и директно учество на невладиниот сектор, граѓанските организации во механизмите за контрола на власта, не во власта туку во механизмите за контрола на власта.“

Изборниот модел во Македонија од осамостојувањето до сега претрпе три големи промени, поради избегнување на изборните инциденти, намалување на финансиски трошоци, ефектуирање на секој глас. Првите парламентарни избори во 1990 беа организирани според мнозинскиот модел со тоа што за територијата беше поделена на 120 изборни единици од кои произлегоа 120 пратенички мандати.

По два изборни циклуси во период од осум години се направи нова промена, односно се воведе комбиниран модел. 85 пратеници се избираа според мнозинскиот модел, а 35 според пропорционалниот модел со затворени листи, при што Македонија беше една изборна единица.

На изборите во 1998 година законодавецот увиде дека има многу помалку проблеми во делот на изборите организирани според пропорционалниот модел, нема повторување на изборите и целиот изборен процес завршува во еден изборен круг, броењето на гласовите се врши многу побрзо и меѓупартискиот антагонизам меѓу ривалите во изборна трка е помал.

Како резултат на овие констатации, во 2002 година се постигна консензус меѓу политичките партии за да се реформира изборниот систем и да се измени изборниот модел, применувајќи го чистиот пропорционален модел со затворени листи. Со тоа Македонија беше поделена на шест изборни единици со што од секоја изборна единица произлегуваа по 20 пратенички мандати.

Изборите според пропорционалниот модел со затворени листи и ден денес се во сила.