Груевски: Народот ќе ги спречи игрите на петоколонашите

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Никола Груевски ги повика граѓаните да излезeле масовно на предвремените избори следната година и да и дале масовна поддршка за уште една нова победа на ВМРО-ДПМНЕ. Тој ова го рече вечерва на плоштадот „ВМРО-ДПМНЕ“ пред новиот објект на седиштето на партијата , изграден на местото на поранешниот, каде што одбележуваат 25 години од основањето.

Груевски додаде и дека на домашните, како што ги нараче, петтоколонаши сакал да им порача, дека нивните игри, шпионски методи, нивни антидржавни делувања, имало народ во оваа земја кој ќе ги спречел и на кои ќе им се спротивставел. Тоа мора да се покаже ако сакаме да бидеме ценети секаде, додаде Груевски.

“Да се покаже дека не може да се случи вака крупна игра во државата со цел рушење на системот, да помине, а народот тоа да не го казни. Затоа што народот е оваа држава. Не е државата ни Заев, ни Груевски ни никој поединечен политичар. И нема подобар одговор од тоа, отколку соочување со народ. Има многу што треба да се соочат со волјата на народот и наша цел е таа” рече Груевски.

Инаку зградата е именувана „Палата д-р Христо Татарчев“ по првиот претседател на Централниот комиет на Македонската револуционерна организација и еден од нејзините основачи.

Роденденот на партијата Груевски им го честиташе најпрво на нејзините основачи во 1990 година како што рече јадрото на ВМРО-ДПМНЕ: Љубчо Георгиевски, Драган Богдановски, Борис Змејковски, Гојко и Мане Јаковлевски, Владо и Дијана Трнталовски, Васил Наумов, Драги Арсов и на стотици други кои им се придружиле. Посочи дека силата на ВМРО-ДПМНЕ доаѓа од членството и од поддржувачите.

" ВМРО-ДПМНЕ е најсилната, најмасовната и најбројната партија во земјата, со 170.000 членови и речиси половна милион поддржувачи" рече Груевски на одбележувањето на четврт век постоење на партијата што ја води.

„Нашата сила е нашиот народ, нашиот народ е нашата држава“ е слоганот со кој се одбележува роденденот на партијата.