Пакистан ја суспендира смртната казна за време на Рамазан

Пакистан времено ја суспендира смртната казна за време на светиот муслимански месец Рамазан. Премиерот Наваз Шариф нареди да се паузира со санкцијата за време на празникот. Рамазан во повеќе делови на Пакистан почна на 19 јуни. Во декември земјата делумно го тргна мораториумот на егзекуциите откако во талибански напад на училиште во Пешавар загинаа повеќе од 150 луѓе, повеќето од нив деца. Шариф потоа целосно ја симна забраната и од тогаш повеќе од 150 лица беа егзекутирани. Пакистанската војска ја интензивира воената кампања против локалните и странските борци по нападот во Пешавар. Војската уби 20 осомничени бунтовници во воздушните напади вчера во северозападниот племенски регион. Во последната година пак од кога почна акцијата во Северен Вазиристан загинале повеќе од 2700 борци, соопштија властите.