Српскиот претседател Николиќ ја одложи посетата на БиХ

српскиот претседател Томислав Николиќ

Босанските власти соопштија дека планираната посета на српскиот претседател Томислав Николиќ на Сараево што требаше да се оствари денеска е одложена до „подобрување на политичката ситуација“. Претходно муслиманскиот член на босанското претседателство Бакир Изетбеговиќ предложил посетата да биде одложена на неопределен рок се до завршување на екстрадицијата на босанскиот муслиман Насер Ориќ, кој е уапсен на 10 јуни во Швајцарија по меѓународна потерница распишана од Србија во 2014 година. Србија побара апсење на Ориќ, кој командувал со одбраната на босанската енклава Сребреница за време на војната од 1992 до 1995 година, под обвинение за воени злосторства врз српското население во Сребреница во 1992 година. Хашкиот трибунал го осуди Ориќ на две години затвор за индиректна одговорност за смртта на седуммина српски заробеници и малтретирање на 11 лица во периодот 1992-1993 година, но по поднесена жалба тој е прогласен за невин поради недостиг на доволно докази.