Преговорите меѓу ЕУ и Грција, неуспешни

Европската комисија соопшти дека не биле успешни дводневните преговори со грчките претставници за решавање на кризата и најави дека министрите на земјите на еврозоната ќе решаваат за натамошната финансиска помош на Грција на состанокот закажан за в четврток. Во Брисел е соопштено дека преговорите со тројцата грчки министри биле последен обид на Европската комисија, со тесна соработка со Европската централна банка и Меѓународниот монетарен фонд, да се дојде до спогодба со грчкиот премиер Алексис Ципрас. Унијата сака од Грција да ги скрати трошоците за 2 милијарди евра со цел да добие нова транша од финансиската помош. Грција се соочува со банкрот доколку до крајот на месецов не му исплати на ММФ милијарда ипол евра.