ДУИ: Договорот од 2 јуни е добра основа за надминување на кризата

Претседателството на Демократската унија за интеграција (ДУИ) изразува разочарување од неуспехот на преговорите и непочитување на договорот потпишан помеѓу лидерите на четирите најголеми политички партии во земјата, соопшти синоќа ДУИ. Во седиштето на партија вчера се дискутирало за последните политички случувања во земјата иразговорите во Брисел.

„ДУИ смета дека договорот постигнат на 2 јуни 2015 година со помош на нашите меѓународни партнери продолжува да биде добра основа за надминување на кризата. Затоа, ги повикуваме лидерите на политичките партии во земјата сериозно да размислат за можноста да се најде решение во рамките на договорот постигнат на 2 јуни 2015 година, со надминување на теснопартиските интереси и ставањето на интересите на граѓаните и на земјата на прво место“, повика ДУИ преку соопштение до медиумите.

ДУИ ги поканува меѓународните партнери да продолжат со ангажманот и, како што наведува во соопштението, „да не губат доверба во капацитетот, волјата и посветеноста на лидерите за надминување на кризата“.

„Претседателството на ДУИ, исто така, ја разгледа позицијата на ДУИ наспроти последните случувања и одлучи дека е важно ова прашање да се постави пред Централниот одбор како највисоко тело на партијата да одлучува оставајќи ги сите опции отворени за позицијата на ДУИ во иднина“, стои во соопштението од Демократската унија за интеграција.