ММФ ги напушти разговорите со Грција

Постојат големи разлики меѓу Грција и нејзините меѓународни кредитори и многу е далеку до постигнување спогодба. Ова го изјави портпаролот на Меѓународниот монетарен фонд Џери Рајс, прецизирајќи дека во последно време немало никакво приближување на ставовите. Тимот на ММФ кој во Брисел разговараше со претставници на Грција за решавање на грчката должничка криза се врати во Вашингтон.Главните несогласувања меѓу двете страни остануваат реформите во пензискиот систем, даноците и финансирањето на јавните трошоци. Кредиторите сакаат Грција да спроведе нови реформи пред да и исплатат над 7 милијарди евра од блокираната помош. Претседателот на Европскиот совет Доналд Туск предупреди дека веќе нема време за играње и оти состанокот на 19 министри за финансии на еврозоната во идната недела во Луксембург ќе биде решавачки за судбината на Грција.