Заев чека на Хан, па да реши за Брисел

До крајот на денот ќе се знае дали претседателот на СДСМ Зоран Заев ќе присуствува на разговорите во Брисел. На денешната прес конференција на Заев пред владата на Македонија, Заев одговори дека ја очекуваат изјавата на еврокомесарот, Јоханес Хан.

„Ние ја очекуваме изјавата зошто во разговорот договоривме дека треба да има лично изјава од Хан, каде што се потенцира на суштината на разговорите, но и за изборната измама која беше констатирана во Македонија. Ние ја очекуваме, и согласно со тоа зависно е дали одиме за Брисел“, рече Заев.

Заев вели дека најважно за претстојните разговори е договорот околу тоа каква Влада ќе ги организира и ќе ги спроведе изборите во април 2016 година.

„Нашите ставови се јасни и гласни. Останува најважното прашање, каква влада ќе ги организира предвремените избори, ако тоа не се договори ништо од договорената рамка не важи. За нас е неприфатливо изборите да ги организира Никола Груевски. За да си подадеме рака, мора граѓанинот да биде ослободен од секаква закана или притисок“, рече Заев.

Претходно портпаролката на еврокомесарот Јоханес Хан, Маја Коцијанчич изјави денеска дека очекуваат сите политичките лидери од Македонија да учествуваат на средбата со Хан закажана в среда во Брисел како одговор на прашањето дали претседателот на СДСМ, Зоран Заев го потврдил своето присуство.