Иванов-ЕУ и НАТО да донесат храбри одлуки

Македонскиот претседател Ѓорге Иванов

Прашањето за проширувањето да се врати високо на агендата на Европската унија, со него да не се занимава само Комисијата, туку и Европскиот совет и да не се смета само како техничко прашање. Ова е една од клучните пораки која лидерите на земјите од „Процесот Брдо – Бриони“ ја упатија на денешниот самит во Будва. Македонскиот претседател Ѓорге Иванов кој учествуваше на самитот порача дека време еНАТО и Европската унија да донесат храбри одлуки. Крајно време е Унијата и НАТО, според него да го пополнат безбедносниот вакуум во Европа, бидејќи ако тие не го пополнат, некои други сили и актери ќе го направат тоа.

Нервозата предизвикана поради стагнацијата во интеграциите, како што наведе тој придонела да се јави политичка криза, која создала услови и за безбедносна криза. Иванов уште еднаш истакна дека блокадите од јужниот сосед и нерешителноста на ЕУ негативно влијаат на темпото на реформите, на нивото на политичка култура кај лидерите. Според него, за да се надмине состојбата во која се наоѓа Македонија неопходно е паралелно движење во интеграциите и надминување на внатрешните проблеми и билатералните разлики. Тој побара итен прием на Македонија во НАТО со привремената референца.